Еве ме и мене со мало задоцнение, да напишам збор-два за концертот што го затресе градот слично како земјотресот шеесе и треќата. Некои можда поише се затресоа за Таркан, некои можда тек ќе се тресат на Пинк, али како и да е, мојата генерација и моите пријатели ги затресе, притресе и потресе Лори Андерсон.
Одамна немам отидено на КОНЦЕРТ. Значи, на нешто што го посакувам сериозно, и за што, ако треба и ќе плеснам кешарица без да зажалам. Прво, она што ми беше многу симпатично и мило, беше што уште пред вратите на спејс шатлот универзална видов гужва, во која ако се загледам подетално, капирам дека сите, ама СИТЕ лица ги знам. Не трошев многу време на разменување поздрави, честитки и рецепти, туку си се упатив кон внатре да си го најдам местото, грижливо одбрано на едно мапиче во Југотон. Тоа беше затоа што очекував дека ќе има битен визуелен момент кој нема да биде убаво да го гледам од профил.
Нормално, нашите места као по обичај беа зафатени, ама јас веќе во земјава се имам истренирано на строгост, и бескрупулозно ги станувам оние кои го зафатиле моето место, за кое имам платено карта. Ако ништо друго, веројатно мене ќе ме стане некој нормален граѓанин доколку го следам примерот на идиотите.
Нејсе, имав 20 минути да си ги потврдам познајниците во ближните редови, да ја испитам сцената (која, рака на срце, визуелно не ветуваше ама баш ништо) и да го издишам кислородот од салата дружно со останатите присутни. Последното, во комбинација со пеколот надвор, резултираше со жештиниште кое на места ме деконцентрираше во текот на концертот, ама еве ме, преживеав.
И, се угасија светлата, излезе Лори, мала и скромна, и си почна. Зборуваше за времето кога немало земја и имало само небо на кое летале птици. На една ластовичка и умрел таткото, и бидејќи немало земја, немала каде да го закопа. И тогаш решила да го закопа во тилот, и така почнало сеќавањето, бидејќи до тогаш, освен што немало земја, немало ни сеќавање. Брррр. Убаво. Продолжи со својот бенд (чело, сајзер и гитара) и со титлот и скромното осветлување, но тоа што таа како изведувач, пејач, поет и комплетен уметник има да го понуди, е неприкосновено.
Буквално не осетив кога и како помина саат и половина, единствено на моменти се премалував од жешкото, но мислам дека ќе можев уште 3 пати по толку да издржам , доколку останеа на сцената.
Публиката ја врати на еден бис, и толку. Немаше стендинг овејшнс (имаше де, ама не доволно) и сите истрчавме надвор, кој на воздух, кој на цигара. Како и да е, логичното решение за исход на вечерта беше да се оди дома, наместо на пијачка, за да не си го расипеме впечатокот од убавиот концерт со секакви скопски летни бљувотини.
Фала, мори Лори!
Thursday, June 21, 2007
Subscribe to:
Post Comments (Atom)

2 comments:
Велиш СИТЕ си ги знаел, е како не те познав тогаш :)
Туку, дешавката беше земјотрес без видлив трес и се случува ретко... и мене ме зачуди што имаше малку сдендинг овејшн на крај, но кога се испулив во првитередови од партер и видов дека се полу празни на крајот а беа полни на поечеток, јасно ми беше колку е часот.
ribaro
си ме познал гарант, ама не знаеш дека сум јас ;)
Post a Comment