Tuesday, May 26, 2009

Ниедно казанче не дигна толкава врева...


...колку шољата без казанче поставена и тргната (во рекорден рок!) од улица Македонија.

Прво, браво за Skopje Subversive Force! Конечно нешто остро, слатко-кисело и...златно! Конечно се даде коментар на место за сите оние шмизли, фраери, деца ретарди и перверзии од градби (особено онаа позади шољата).

Второ, браво за Скопјани кои прилично весело и со интерес и позитивна енергија го чачкаа капакот и седнуваа на неа.

И на крајот, едно 'БРАВО' за сељачааната од политичари и новинари кои од тоа направија главна вест! Им се смеев на америте коа спасуваа мачиња на ударни вести, а сеа од ова ме ни се ни плаче, туку (баш соодветно!) ми се сере!



Имам чувство дека кога би живееле во град, наместо во село, шољата би се поставила, би била смешна, би се прогласила за несоодветна и веројатно би била тргната. Арно ама, тоа не би ни стигнало до Татјана Грујовска и нејзините со креон темелно обрабени усни. Ниту пак ганкоидот Канчевска-Милевска не би имала зошто да се огласува и да дава осуди за неморалност. Аман више! Занимавајте се со ѓубрето, него тргнете го, занимавајте се со Пишуваме кирилица, тоа гледам добро ви иде!

А андерграундот остајте си го да си дејствува таму кајшто му е место, зашто вака само ја валкате брилијантната идеја со вашите кретеноидни претпоставки и заклучоци.

Friday, May 22, 2009

СПАСЕТЕ ЈА ИВА!



Не ми се ни зборува. Ива ја знам преку 10 години во кои сме изгубиле контакт, како што тоа обично се случува во вака големи градови како Скопје.

Денес дознав дека Ива боледува од ретка и прогресивна форма на канцер на коските, и моментално е на лечење во Хјустон, Тексас.

Има сила, има волја, има храброст да издржи и да се бори. Но, нема доволно средства. Лечењето чини многу стотици илјадници долари.

Затоа, секој кој може да помогне (а СЕКОЈ МОЖЕ да помогне барем малку!) нека не чека! донирајте колку можете (1000 луѓе x 100 денари = 100 000 денари) на следниве сметки во ОХРИДСКА БАНКА на име МИРЈАНА МИЛЕНКОВИЌ:
Жиро сметка за денари: 530500010648811
Жиро сметка за девизи: 1408000306242

Ако не можете да помогнете со средства, тогаш барем раширете ја веста, нека стигне и до оние со пари :)

За борбата на Ива можете да дознаете повеќе од следниве линкови:

http://www.saveiva.org/home.shtml

http://www.facebook.com/group.php?sid=7437625227317e9d64d9153f35ef7981&gid=71006638181&ref=search

http://saveiva.blogspot.com/search?updated-max=2009-05-07T23%3A00%3A00-05%3A00&max-results=7

И човеку, не заборавај: не е важно колку ТИ ќе помогнеш, важно е колку СИТЕ ќе помогнеме!

Monday, April 6, 2009

Борис Дамовски кејм аут!

У принцип, не требаше ова да ме чуди. Не ти требаат две очи, и едно е доволно за да видиш дека острото сечиво на Еднооки само ги милува цуцињата на Грујо, додека Бранче и компанија ги праи касапаана. Арно ама, све нешто се тешев дека така ми се чини, еве и Гоца ја зезаат, па еве го и овој, и оној...едноставно, си го затварав окото пред пристрасноста, правејќи се дека ја нема.

И си живеев ја така у заблуда се до вчера, кога на МТВ (чинам, таму ќе да беше) во екот на пребројување на гласовите и радување на децата кои си победиле, не го видов гореспоменатиот во насловот како бидува интервјуиран од некоја тетка, ваљда новинарка. Не ги фатив од почеток, се убацив кога он кажуваше како од дете он ете си бил, не десничар, ама македонски националист (браво! алал!). И ете, како сеа оваа влада, за разлика од оние не знам што и како била боља...опаа.

Ова се вика аутирање. Можда неговата ориентација (политичка) и не била тајна, ама јас до сега го немам сретнато јавно да се декларира вака или онака. А па тајмингот што го одбрал е уште посјебан од све: моментот кога малите ја држат целата власт у земјава и имплицираат дека сите ние остали сме комуњари и предавнички богохуљски говна. Тајмингов вришти: сеа сме најјаки, и сите ќе се декларираме, не ви се криеме више, кој ве ебе! Тајмингот е да те дотепа хуморот, за кој си сметал дека ти останува како единствена оддишка од срањата.

И треба бре да ни се покаже дка нема ништо неутрално у земјава! Све е обоено! Или си со нас, или си против нас! Нема бегање од страна, па ни коа се забављаш! Македонци, внимавајте: забрането е непартиско смеење!

Sunday, March 29, 2009

ДЕМОКРАТИЈАТА УМРЕ: СЕГА ТУРЕТЕ ГО КРСТОТ!!!

Драги мои сограѓани и сограѓанки, земјаци и земјачки!

Иако планирав да го умрам овој блог и за вјеки да потонам во летаргија, не можам да го премолчам она што и се случи вчера на Македонија, на нејзините граѓани, на нејзините синови и ќерки, на нејзината интелигенција. (Само кисело се насмевнав на фактот дека мојот последен пост, напишан пред година и кусур се однесува на...та-та!!!!!! ИСТАТА ТЕМА!)

Значи, вчера на пладне на плоштадот Македонија имаше една вистинска жртва (и уште неколку изгребани, расклоцани и рашамарани студенти. ДА! СТУДЕНТИ!!! НЕ ПАРТИСКИ АКТИВИСТИ!!!!): умре демократијата, која и онака беше болна, искварена и се повеќе лажна. Ја убија луѓе кои како крстоносци навалија врз децата, кои кинеа транспаренти со парола НЕ ГО СИЛУВАЈТЕ СКОПЈЕ, кои колнеа, пцуеја, ги вадеа пред божјиот суд и ги бркаа од сопствената држава. И да, и јас бев таму со тие студенти зашто освен што е тоа мое законско право како граѓанин мирно да протестирам за она во што верувам, исто така сметам дека мораме, МОРАМЕ да отвориме простор за младите (читај: НОРМАЛНИ) луѓе од оваа земја да го искажат незадоволството од сите овие..да ми простите, срања кои ни ги сервираат политичарите и сите нивни облици на живот импортирани во сите структури на Македонија.

Зборев и тогаш, ќе кажам и сега, а тоа сакаа да го кажат и студентите, ама богобојазливите човекољупци не им дозволија: НЕ за црква онаму каде што не и е место!!! НЕ за лоша, неоправдана и бесмислена архитектура!! НЕ за Лумикс, Мајка Тереза и секвелот на Белата куќа крај Вардар!! НЕ за Александар поголем од неговата тогашна Македонија!! Ама, да бидеме фер, ДА за филхармонијата.

Само ми е жал што овие два дена во мене се створи таква одвратност спрема луѓето со кои светот надвор ме идентификува, а кои ме вреѓаа и буткаа, не знаејќи зошто сум таму, боејќи ме партиски, верски и патриотски. Жал ми е, не сакам да имам такви чувства, не сакам да им го посакувам тоа што тие ми го посакаа мене. Жал ми е што се соочувам со фактот дека во Македонија царуваат сељаци. Да не се разбереме погрешно, не мислам на луѓе од село, мислам на сељачаана која само знае со тупаници, клоци, навреди и клетви да демек извојува победи. Сељачаана која единствено покрај знаме и икона се чувствува силна, која само во толпа знае да дејствува, која не знае што е толеранција човечка, демократска, а најмалку христијанска. Сељачаана која не знае ниту да слуша, ниту да мисли. И многу се.

Ама за среќа, во Македонија останаа и граѓани. И нема да си одиме.

Thursday, January 31, 2008

Црква на плоштад!?!?

Со денови се обидувам да ги игнорирам идиотизмите кои како на обичен граѓанин ми се пласираат преку медиумите, ама има некои работи кои не можат и не смеат да бидат премолчени. Една од нив е тешката глупост да се изгради црква на плоштадот, на кој и онака му смислија 300 чуда, па коа ќе ги изградат ќе цупкаме на една нога од фонтана до црква, веројатно притоа крстејќи се на кичот кој не опкружува. Не се сомневам дека препаметната влада тоа ќе го протолкува како знак за триумф.

Искрно, не можам да се сетам на ниту еден аргумент ЗА изградба на црква таму. Толкава ли е амнезијата што се заборава дека Соборен храм е на 15 минути пешки, а Св. Димитрија (ах, колку далеку...) ДУРИ преку мостот!? Каков плоштад е тоа, ако на него треба да има еклектична фонтана, одвратна спомен куќа и театар-дух? Ако веќе се запнале за црква, им препорачувам да испланираат и место за јавна бесилка, да можам на раат да си се обесам! А ќе направат ли паркинг за верниците? А ќе изградат ли и џамија?

Јас разбирам дека премиерот е мал (уште ни "р" не знае да каже) и дека многу сака да си има црква што ќе го носи неговото име, ама нема ли некои други чичковци да му објаснат дека тоа така не оди? Децата треба да си играат во сопствениот двор, и треба да им се покаже оградата!!

Во име на тоа, ви препорачувам од срце да се потпишете на петицијата ПРОТИВ изградба на црква на плоштад http://www.petitiononline.com/0511/ затоа што НИЕ сме тие кои треба да кажеме што сакаме да се направи со НАШИТЕ пари, НИЕ сме тие кои знаат што навистина му недостасува на НАШИОТ град...на крајот, НИЕ сме тие што ја избираат власта и имаат полно право да ја сменат!!! А до тогаш, можеме да ја шириме петицијава со надеж дека трошка здрав разум ќе го најде патот помеѓу обезглавените антички статуи и ќе затропа на вратата од премиеровиот кабинет, тргнувајќи го од слаткиот сон кој го сонува со месеци, додека ние будно чекаме позитивни промени.

Thursday, October 25, 2007

Фудбал

Гледам, владата ги тепала камерманите. Браоссс!
Имам ја еден предлог-нека играат со опозиција, нека напраат еден политички фудбал куп, нек се гонат сите заедно у дресови директ по спортските сали што никнуваат као печурки, нека поентираат до утре сабајле! Нека не остаат на раат, па ваљда ќе се најде некој попаметен од сите нив топтан да ни ја води државата.
Поздрав!

Wednesday, September 5, 2007

Кротки приказни

Како што го пишував насловот, си мислев какво pun да напраам, меѓутоа секое користење на изричити навреди само ќе биде погрешно сфатено, а мојата критика со тоа девалвирана. Но, чувствувам човечка одговорност да се осврнам на оваа книга, изоставајќи го сега и тука името на авторот, зашто...не знам зашто? Зашто ако сте ја читале, виделе ор елс, го знаете и името. Да не го шиканираме чоекот, али ај да му ја напраиме пуздер книгата!

Како прво, сакам шорт сториз. Многу и тоа. И не ми смета ако се ептен шорт, не е битна должината за квалитет на едно дело. Меѓутоа, освен шо е шорт, треба да биде и СТОРИ. Кротки приказни, за жал, не можат да се квалификуваат како такви. Најчесто немаат дејство, или пак тоа ако е загатнато на почетокот успева да се изгуби во страна ипол. Поентите, кога воопшто ги има, се нафрлени како на крај на писмена у средно, кога мораш да ставиш заклучок пред да ѕвони. Да било крстено делото "Дневнички записи" полесно би се проголтале сите недоследности кои една приказна мора да ги има, а дневнички запис не мора. Башка, во суштина тоа и се.

Понатаму, "стилот" на пишување за мене е многу збунувачки: на моменти хемингвејува, на моменти забегува. Да појаснам: непотребно долги и преоптоварени реченици во кои ништо не се случува и НИШТО не кажуваат, за таман кога треба негде нешто да се деси да добиеш некој лаконизам и да останеш со прашалник над глава. Е сега, можеби е несоодветно на овој начин да илустрирам за што станува збор, но ќе издвојам 2-3 реченици од една приказна за да појаснам (поентата норамлно тука ќе ја немате, но небитно е):

"Сликата што се' уште ми струи низ главата се случи неодамна, на раскрсницата пред еден голем трговски центар. Со автомобил бев упатен да го извозам мојот вторничен филмски радио-термин, и во последен момент закочив на последните семафори. Додека чекав да се вклучи зеленото светло, на средина од раскрсницата, онаму каде што се наоѓа оградата, односно, онаму каде што секоја вечер стојат колпортерите и го нудат новиот број на утрешните дневни весници, стоеше еден човек. Во прв момент мислев дека се работи за обичен пешак, кој чека да премина преку пешачкиот премин, од другата страна на улицата."

E сеа, обратете внимание на овие реченици. Колку непотребни информации има тука? Баш ни е гајле кај си одел, ако за тоа не збориш понатаму. Баш ни е битно на кои семафори како си закочил ако не си се судрил. Збориш за човекот, а го дрвиш за опис на една раскрсница! Па објаснувањето кај стоел...боже мили! За на крај нели да мора да ни потенцира дека 'чекал да премине ОД ДРУГАТА СТРАНА НА УЛИЦАТА!' Пошто тоа инаку никој нема да го скопча, сфаќате?!

Тo cut the short story even shorter, лудак преоѓал улица, па овој се сетил дека некад така видел исто гола жена како се шета. Тоа е расказот, само има долги реченици. Но, крајот пак е така неверојатно шокантно краток, што се осеќате како на скалило да фалат последните неколку скали. Да појаснам:

"Во подоцнежните разговори со пријателите, во првата крајност најприфатлива беше претпоставката дека се работи за модерна Пепелашка која го барала својот загубен чевел, а во втората, се работеше за случај во кој издрогираната куртизана е избркана од странскиот дипломат бидејќи не сакала да игра мрсни игри со него. И така натаму."

Укратко: дрвам, дрвам, дрвам, и то. Исто така, од такт ме вади неименувањето на еден тон ликови, па појма немаш кој кому што кажал, пошто сме кај пријателот на гости, па другиот пријател, па пријателот од детство, па двајцата нови...крсти ги некако, да не ти се губат читателите, и онака не добиваш на мистичност ниту на универзалност избегнувајќи реални баналности како Иван, Тошо, Бранко...или ГТЦ, Аеродром... "еден голем трговски центар" и "следната урбанизирана населба" звучат као да кажеш "меѓуножно дупетрескало" наместо точак.

Понатаму, на авторот му е мнооооогу битно да покаже колку е начитан, информиран, културен, авангарден...што просто ќе ви се приблуе од божемно сутпилната случајност на таквите забелешки.

И за крај (го издрвив овој пат, богами!) не можам да сфатам една работа: рецензентите на оваа книга...побогу што читале? Истите приказни што ги читав и јас? Со сета почит спрема творештвото и на Г. Смилевски и на М. Петрушевски, морам да заклучам дека или не се компетентни за проценување на туѓ труд (и покрај нивниот несомнен талент) или во селово наше мораш да бидеш фин со сите за да не ти го мочаат утре дворот.